Осигуреници наплатија 66 милиони евра, исплатени 80.000 штети
Кај најголемата доброволна класа – осигурувањето имот исплатените штети пораснале за 13% и достигнале 11,5 милиони евра. Кај приватното здравствено осигурување износот за исплатени штети лани е удвоен во однос на 2020 година...

Граѓани, фирми, здруженија и државни институции наплатија над 4 милијарди денари (66,2 милиони евра) од осигурителните компании за настаните штети покриени со неживотно осигурување во 2021 година. Вкупниот износ на исплатени штети минатата година е повисок за 14 отсто (8,2 мил. евра) во споредба со 2020 година. Лани се исплатени речиси 80.000 пријавени штети, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување.
За пријавени штети врз осигуран имот осигуреници лани наплатиле 13 отсто повеќе од 2020 година. Сите 11 осигурителни компании за неживотно осигурување за штети врз осигуран имот лани исплатиле 710 милиони денари (11,5 мил. евра). Друштвата за осигурување лани исплатиле речиси 9.000 оштетни побарувања на своите осигуреници. За осигуран имот на физички лица се исплатени вкупно 316 милиони денари (над 5 мил. евра), а на правни лица 394 милиони денари (6,4 мил.евра).
Кај најбрзорастечката класа – приватно здравствено осигурување, исплатата на штети го следи растот на продажба на осигурителни полиси. За минатата година девет осигурителни компании исплатиле 211 милиони денари (3,4 мил.евра). Тоа е двојно повеќе од износот на штети што го исплатиле во претходната 2020 година во која поради здравствената пандемија и почна да расте популарноста на оваа доброволна осигурителна класа.
Кај осигурувањето од незгода ( најмасовна класа на доброволно осигурување кое покрива речиси 700.000 осигуреници) лани се исплатени штети во вкупна вредност од 434 милиони денари (7мил.евра). А тоа е за 8 отсто повеќе од претходната година.
За штети врз каско осигурани возила осигуреници наплатиле 507 милиони денари (8,2 мил.евра) или 4 отсто повеќе од 2020 година.
