Бомгартнер: Поддршка од Франција за побрзо отворање на преговорите
Безрезервна поддршка од Франција за побрзо отворање на претпристапните преговори и за Северна Македонија и за Албанија. Ставот на Франција е јасен и не е нов. Истиот став го делат и сите европски институции, вели францускиот амбасадор Бомгартнер...

Доколку во билатералните разговори меѓу Скопје и Софија се постигне вистински напредок чија што завршница би значело отворање на претпристапните преговори, Франција е подготвена и расположена да го направи тоа за време на своето претседателство, изјави денеска францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер.
„Агендата ја утврдуваат двете засегнати земји, односно Северна Македонија и Бугарија. Сѐ ќе зависи од развојот на настаните особено од развојот на разговорите коишто се спроведуваат во рамки на сите работни групи. Француското претседателство со ЕУ заедно со европските институции е спремно кога ќе дојде соодветниот момент да се преземат конкретни чекори за да се постигне среќниот крај којшто го посакуваме сите“, изјави амбасадорот Бомгартнер на конференцијата во МНР посветена на спортската дипломатија.
Амбасадорот го охрабрува раздвижувањето на разговорите меѓу Скопје и Софија. Тој подвлече дека со огромно внимание се следи ова прашање во европски рамки, но овој процес во моментот е во билатерални рамки, и повтори дека и француското претседавање со ЕУ го следи ова раздвижување и го охрабрува.
