Политика

ВМРО- ДПМНЕ не се откажува од декларацијата за Гоце Делчев

15.02.2022 15:01

ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од барањето во Собранието да се донесе декларација за Гоце Делчев. СДСМ и ДУИ гласаа против. Од власта велат дека македонскиот револуционер го има заслуженото место. Од опозицијата со став- владата задкулисно преговара за идентитетските прашања...

ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од предлогот во Собранието да биде изгласана декларација на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. На Комисијата за наворешна политика нов обид за дополнување на дневниот ред. Тројца пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата беа „за“, членовите од СДСМ и ДУИ гласаа против.

Од опозициската партија велат дека се подготвени да прифатат добронамерни сугестии во декларацијата, но како што рече Милошоски, со одбивањето на предлогот, очигледно е дека власта задкулисно со Бугарија преговара за идентитетските прашања и за историјата.

За СДСМ, декларацијата е неприфатлива бидејќи македонскиот револуционер има достојно место во нашата историја, а со декларацијата само се враќаме назад. Уште еднаш повторен ставот дека на овој начин се прави политичко подметнување, а од опозициската партија глумат „загрижени патриоти“.

Од ВМРО-ДПМНЕ инсистираат СДСМ и ДУИ да одговорат во кој дел од содржината на декларацијата не се согласуваат. Од партијата појаснуваат дека таа нуди проекти во образованието и културата за одбележување на ликот и делото на Гоце Делчев.

Милчо Велески