Француска поддршка за македонската евроинтеграција
Франција со безрезервна поддршка. Вистински напредок со завршница во билатералните разговори меѓу Скопје и Софија би значело отворање на претпристапните преговори. Францускиот амбасадор во земјава вели истиот став го делат и сите европски институции...

Франција со безрезервна поддршка за отворање преговори за Македонија и за Албанија. Според францускиот амбасадор Бомгартнер, дијалогот меѓу Скопје и Софија преставува нов пристап во преговорите, што е посакувано од обете страни. „Се води дијалог на највисоко ниво и тој дијалог е интензивен. Во овој момент навистина постои билатерална работа за која што се преговара за конкретни теми“, вели Бомгартнер.
„Нашиот став е ист и не е променет, а тоа е отворање на преговорите. Истиот став го делат и сите европски институции“, изјави амабасадорот Бомгартнер.
Во однос на можноста за проактивен ангажман на Франција, амбасадорот изјави дека неговата земја не е таа којашто ја утврдува агендата.
„Агендата ја утврдуваат двете засегнати земји, односно Северна Македонија и Бугарија. И сѐ ќе зависи од развојот на настаните особено од развојот на разговорите коишто се спроведуваат во рамки на сите работни групи. Ќе ви кажам дека француското претседавање со ЕУ заедно со европските институции е подготвено кога ќе дојде соодветниот момент да се преземат конкретни чекори за да се постигне среќниот крај којшто го посакуваме сите“, вели францускиот амбасадор.
Шефот на македонската дипломатија Османи оценува дека за нас е многу важно што Франција го поддржува процесот на интеграција со земјите од Западен Балкан, со јасно поставени стандарди.
„Сите очекуваме дека оваа нова динамика ќе резултира со за нас позитивно решение, а тоа е старт на преговорите што ќе биде поддржано од сите членки на ЕУ“, нагласи министерот Османи.
На 22-ри февруари во Брисел ќе одржи Советот за општи за работи на кој се очекува повторно на дневен ред да биде препораката за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ.
Марина Стојанова Тонева
