Субвенции за малите винарии
Малите семејни винарии можат да добијат финансиска помош од програмата за микро земјоделски производители на вино. Капацитетот не треба да биде поголем од 50 илјади литри годишно. Висината на финансиската поддршка изнесува до 600.000 денари, а крајниот рок за поднесување на документите е до 30 април 2022 година.

Неповратната финансиска поддршка се однесува на трошоци за набавка на опрема за производство на вино во висина до 90 и за ангажирање на енолог во висина до 10 проценти од вкупниот износ на финансиската поддршка по корисник.
Право на учество на јавниот повик имаат евидентираните земјоделци кои се регистрирани како производители на вино со максимален капацитет на производство до 50.000 литри годишно. Вториот услов кои треба да го исполнат да се запишани во Регистарот на производители на вино и во Евиденцијата на оператори со храна и објекти за производство и преработка на мали количества на производи од неживотинско потекло почнувајќи од 1 јануари 2020 година.
Со документите треба да се достави и деловен план кој содржи преглед на постоечката состојба, план за инвестиции, финансиски план со побараниот износ на поддршката и план за продажба.
Доделувањето на парите ќе се врши по принципот, прв дојден, прв услужен до исцрпувањето на средствата предвидени за оваа намена.
Крајниот рок на доставување на барањата за финансирање е најдоцна до 30 април 2022 година.
Методија Трајков
