Ковид-19

Епидемиолошката состојба се подобрува, зголемен бројот на заболени ученици

16.02.2022 09:50

Комисијата апелира до граѓаните да примат трета доза вакцина, како најдобар начин за заштита од тешки симптоми, хоспитализација и смрт. За да се намали времето за чекање за тест, отворени се дополнителни локации за земање брисеви...

Епидемиолошката состојба со Ковид-19 во земјава се подобрува. Иако има зголемување на бројот на новозаразени деца на школска возраст, засега нема потреба од нови мерки за училиштата, заклучок на Комисијата за заразни болести.

„Се забележува намалување на бројот на новооткриени случаи со Ковид-19, што значи подобрување на епидемиолошката состојба, но, тоа не ни дава за право да кажеме дека е добра епидемиолошката состојба, а за тоа особено не потсетува возрасна група од 6 до 14 години каде што забележуваме зголемување на бројот на нови случаи и тоа се школските деца кои се на настава со физичко присуство“, рече вчера претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски.

Комисијата апелира до граѓаните да примат трета доза вакцина, како најдобар начин за заштита од тешки симптоми, хоспитализација и смрт. Засега не се планира укинување на сертификатите за прележан Ковид-19.

За да се намали времето за чекање за тест, отворени се дополнителни локации за земање брисеви. Од вчера во Скопје се закажуваат термини за тестирање за Ковид-19 и на пунктовите во Ѓорче Петров, Идадија и Бит Пазар.

Во претходното деноноќие беа регистрирани нови 1.269 случаи на Ковид-19 од направени 4.047 тестови или 31 процент, вкупно евидентирани 25 починати лица и тоа 14 во последните 24 часа и 11 преку системот „Мој термин“, а оздравени 848 пациенти. Од вкупниот број на позитивни, регистрирани се 162 реинфекции.

Вкупната бројка на Ковид- дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 288.750, на оздравени пациенти е 269.862, на починати е 8.793, а бројот на активни случаи изнесува 10.095.