Охрид

Узурпација на државно земјиште за изградба на викендици

16.02.2022 11:26

Во националниот парк „Галичица“ досега се евидентирани 441 дивоградба од кои дури 132 се целосно или делумно изградени на земјиште во сопственост на Република Македонија. Алармантно е ако се знае дека се работи за регион којшто е под заштита на УНЕСКО. Прашање е дали некогаш ќе има одговорност за оние коишто дозволиле несовесни лица да узурпираат природни богатства што им припаѓаат на сите граѓани во државата.

Ако во националниот парк „Галичица“ засега се евидентирани 441 барање за мислење за легализација на дивоградби од коишто 244 се за легализација на викенд куќи, 180 за објекти во коишто се живее, 6 за верски објекти и 11 за легализација на хотели или автокампови се поставува прашањето што работеле надлежните органи во изминатите неколку децении. И тоа не е сè бидејќи фрапантно делува податокот дека во заштитено подрачје се дозволила бесправна изградба на 80 објекти на земјиште коешто е во целосна сопственост на државата и уште 52 објекти за коишто делумно е узурпирано државно земјиште за коишто сега се бара легализација.

„Ако имаме предвид дека доминантно се викенд куќи, значи некој узурпира земјиште за беспари или во постапка на легализација ако се легализира објектот ќе се стекне сопственикот на објектот со право да го откупи по багателна цена земјиштето кое реално е многу скапо и многу атрактивно“, изјави Андон Бојаџи.

Од националниот парк посочуваат дека советот на општината не треба да брза со носење на одлуки за легализација на дивоградбите во заштитеното подрачје.

„И реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО 2017-тата и од јануари 2020-тата инсистираат државата, односно институциите на државата најпрво да пристапат кон усогласување на просторно планските документи со планот за управување со светското природно и културно наследство на охридскиот регион а потоа да се постапува“, вели Андон Бојаџи.

И покрај тоа што вработените во паркот континуирано поднесуваат пријави до надлежните органи за бесправна градба, а има и решенија за уривање на дел од дивоградбите такво нешто не се случило од далечната 2 000-та.

Сашо Нелоски