Заканата од инвазија останува, потребни се докази за повлекување на војската
На плоштадот во Киев е мирно, но новиот ден не донесе нова надеж откако САД и нивните сојузници рекоа дека заканата од руска инвазија сѐ уште останува, и оти се потребни докази за повлекувањето на руската војска од границата.

Она од што цел свет се плашеше дека ноќта на 16-ти февруари, руските сили ќе извршат напад врз Украина, не се случи. На плоштадот во Киев е мирно, но новиот ден не донесе нова надеж откако САД и нивните сојузници рекоа дека заканата од руска инвазија сѐ уште останува, и оти се потребни докази за повлекувањето на руската војска од границата.
„Сè уште не сме потврдиле дека руските воени единици се враќаат во нивните матични бази. Остануваат во многу заканувачка позиција. Во моментов, има повеќе од 150.000 руски војници долж границата, и инвазијата останува можна. Ако Русија продолжи, ние ќе го собереме светот да се спротивстави на нејзината агресија. Нападот против една земја на НАТО е напад против сите нас“, изјави американскиот преседател, Џо Бајден.
На ист став и Украина.
„Ќе веруваме во деескалација тогаш кога ќе видиме како војниците се повлекуваат“, нагласи Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина.
Од Кремљ доаѓаат шеговити коментари дека Украинците требало да ги наместат будилниците за да је на преспијат наводната инвазија. Руското Министерство за одбрана објави видео снимки на коишто се гледа како нејзини воени возила се повлекуваат. Заменик- постојаниот претставник на Русија во ООН, Полјански, ги обвини западните медиуми дека неточно ја претставуваат ситуацијата на границата.
„Повеќето од нив се враќаат, а другиот дел ќе биде повлечен по завршувањето на вежбите. Не знам за какви било закани. Руските трупи на наша територија не претставуваат закана за никого“, вели Дмитриј Полјански, заменик- постојан претставник на Русија во ООН.
Рускиот претседател Путин претходно изјави дека го поздравува безбедносниот дијалог со западот, но Москва бара сериозно да се земат предвид безбедносните гаранции коишто ги бара земјата и украина да ги спроведе договорите од Минск што ќе доведе до деескалација на ситуацијата во источниот дел на земјата.
Бојана Крстевски
