Се изработува Стратегија за паметна специјализација
Целта е Северна Македонија час поскоро да добие стратешки документ кој обезбедува модерен пристап за економски развој, преку меѓусебно поврзување на академската заедница, бизис секторот, владините институции и граѓанскиот сектор за заедничко детектирање и делување во областите во кои државата има најголем потенцијал и доволно ресурси да инвестира...

Се интензивира процесот за креирање на Стратегија за паметна специјализација кој започна во 2019 година. Целта е Северна Македонија час поскоро да добие стратешки документ кој обезбедува модерен пристап за економски развој, преку меѓусебно поврзување на академската заедница, бизис секторот, владините институции и граѓанскиот сектор за заедничко детектирање и делување во областите во кои државата има најголем потенцијал и доволно ресурси да инвестира. Со тоа ќе се забрза севкупниот државен напредок и конкурентност во глобалната економија.
Ова е заеднички став на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министрите за образование и наука и за економија Јетон Шаќири и Крешник Бектеши, кои денес на настан во Владата го означија продолжувањето на следната фаза од процесот на креирање на стратефијата која воедно е и еден од предусловите за пристапување кон членство во Европската унија.
„Ова е процес започнат пред 3 години. Вклучени се институциите на системот, а најважни учесници се бизнис заедницата, научно - академската фела и невладиниот сектор. Овие четири страни заеднички работеа и веќе првично детектираа четири области во кои Северна Македонија има потенцијали за голем развој и кон кои треба да се насочи. Се работи за паметно земјоделство и прехрамбена индустрија; информатичко - комуникациска индустрија; индустрија 4.0 каде спаѓаат електро - машинска, металопреработувачка и автомобилска индрустрија, и последната област е паметни објекти и материјали“, рече министерот Шаќири, нагласувајќи дека детектирањето е направено согласно методологија на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија.
Тој информираше дека за секоја од четирите области формирани се посебни работни групи и тие од денес започнуваа интерни дебати кои ќе траат до крајот на мај, со цел јакнење на меѓусебната доверба, промовирање на нови форми на соработка, детално скенирање на потенцијалните области за инвестирање и допрецизирање на најдобриот пристап за тоа како и што да се вложи во тие области.
