Економија

Наскоро почнуваат разговорите за зголемувањето на пензиите

16.02.2022 13:39

Ќе се разговара дали ќе се менува постоечкиот модел на усогласување на пензиите или пак ќе се оди со еднократна помош. За ова не е потребен ребаланс на буџетот...

Кон крајот на неделата ќе почнат разговорите меѓу сите засегнати страни околу зголемувањето на пензиите, најави вицепремиерот Фатмир Битиќи. Состојбата на Фондот за пензиско осигурување овозможува да се размислува за подобрување на стандардот на панзионерите, особено по зголемувањето на цените на голем број производи предизвикано од економската и енергетската криза, а поттикнато од скокот на цените на енергенсите.

Ќе се разговара дали ќе се менува постоечкиот модел на усогласување на пензиите или пак ќе се оди со еднократна помош. За ова не е потребен ребаланс на буџетот, вели Битиќи затоа што Фондот има доволно средства за оваа намена.

„На самиот состанок ќе зборуваме која е целта која што сакаме да ја постиигнеме. Дали е тоа менување на моделот на усогласување на пензиите што сме го имале и сакаме и натаму да го имаме за да понудиле одржливо решение за пензиите или еднократна помош како помош која што би требало да дојде до најранливите категории за справување со последиците од енргетската криза и не само. Тоа што можам да го осигурам е дека исходот ќе биде како што беше за минималецот, задоволителен за сите страни вклучени во дијалогот“, изјави Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.

Кон крајот на месецов истекува и важноста на мерката за замрзнување на цените на основните производи и неделава ќе се разговара на кој начин ќе се ограничи евентуалното зголемува на цените на пакетот со основни производи, од кои добар дел се увазуваат, вели ресорниот министер Бектеши.

„Најверојатно, согласно податоците што ги има секторот за трговија, ќе одиме со опцијата за одредување на маржи имајќи во предвид дека на таков начин, согласно нашите анализи, нема да имаме ценовни шокови за основните прехранбени производи“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Од Владата потврдуваат дека користењето на субвенциите на дел од придонесите предизвикано од зголемувањето на минималната плата нема да им биде овозможено на фирмите коишто до крајот на годинава користат финансиска поддршка за зголемување на платите, затоа што практично станува збор за субвенции за иста намена, појаснува Битиќи.

Свето Николовски