Хелсиншки комитет: Ксенофобијата не е инцидентна појава во нашето општество
Министерството за внатрешни работи, односно Агенцијата за национална безбедност, веднаш излезе со информации дека оваа група има привремен и регулиран престој во земјава и дека таа не претставува никаква опасност по безбедноста на граѓаните.

Низата инциденти и зголемениот говор на омраза насочени против припадници на еврејската религиозна група „Лев Тахор“, кои привремено престојуваат во Северна Македонија, го покажуваат ниското ниво на толеранција кон различните и високиот степен на ксенофобија во општеството. И покрај тоа што Министерството за внатрешни работи, односно Агенцијата за национална безбедност, веднаш излезе со информации дека оваа група има привремен и регулиран престој во земјава и дека таа не претставува никаква опасност по безбедноста на граѓаните, тоа не ги спречи изливите на омраза кон нив и нападите со камења и јајца со кои им беше загрозена нивната сигурност.
Притисокот со кој се соочиле во Куманово, продолжил и во Скопје, каде на 15 февруари 2022 година повеќе хотели одбиле да ја сместат групата, а нејзин член јавно се пожали дека полицијата повеќе им одмагала, отколку што помогнала.
Хелсиншкиот комитет за човекови права оценува дека е загрижувачки што омразата кон луѓе од други култури и религиозни групи веќе одамна не е инцидентна појава во нашето општество. За време на бегалската криза 2016-2018 година, говорот на омраза кон мигрантите и бегалците, од политички причини беше постојано засилуван со лажни вести и дезинформации, кои дополнително влијаеа за раст на ксенофобијата кај населението. Таквата реторика остава долгорочни предрасуди и последици врз ставовите на луѓето и ја руши сликата за гостопримлива и толерантна земја, како што сакаме да се нарекуваме.
Апелираме надлежните институции внимателно да го следат овој случај и да обезбедат навремена заштита согласно меѓународните стандарди.
