Костадиновска- Стојчевска: Јануарските плати ќе бидат исплатени во најбрз можен рок
Дел од културните институциите не поделиле плата за јануари, а во некои не биле исплатени вработените кои работеле во недела – реагира Синдикатот на културата. Оттаму укажуваат дека грубо се крши законот...
Дел од културните институциите не поделиле плата за јануари, а во некои не биле исплатени вработените кои работеле во недела – реагира Синдикатот на културата. Оттаму укажуваат дека грубо се крши законот. Бараат да се утврди одговорност од директорите, во спротивно како што наведуваат ќе започнат постапки за заштита на правата на работниците.
„Итно бараме јавно објаснување од Министерството за култура зашто се прекршува Законот за работните односи и кога и како ќе биде надминат проблемот со недела како неработен ден. Исто така, бараме од Министерството да утврди одговорност кај сите директори на институциите што го прекршиле законот за работните односи. Во спротивно, Синдикатот за култура ќе почне правни постапки за заштита на правата на вработените во културата“, се вели во соопштението.
Јануарските плати ќе бидат исплатени во најбрз можен рок, вели министерката Костадиновска-Стојчевска. Се прават и консултации со Министерството за труд и социјална политика за дејностите кои не смеат да бидат изземени од недела – неработен ден.
Годинава во буџетот на култура има една милијарда 53 милиони денари за поддршка на проекти од национален интерес. На конкурсот се пристигнати 3.769 валидни пријави. Забележано е непочитување на условите, аплицирање со стари и реализирани проекти, барања за високи суми, ист автор пријавен во повеќе улоги.
Сунчица Николоска
