Ковачевски и Мицкоски со спротивставени ставови за дијалогот со Бугарија
Експерти од Скопје и Софија разговараат за отворените политички прашања. Се бара решение прифатливо и за двете страни. Премиерот Ковачевски уверува – кога ќе го имаме, ќе оди на одобрување во институциите. Мицкоски предупредува - македонските позиции се загрозени, се лицитира со идентитетот...

Премиерот Ковачевски смирува – ништо не се крие од јавноста во делот на разговорите со Бугарија. Експертите од двете страни работат на отворените политички прашања, другите работни групи треба да ги подобрат односите во сферите од взаемен интерес. Според шефот на Владата, кога ќе има решение коешто е прифатливо и за двете страни, тогаш тоа ќе се изнесе пред јавноста.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е убеден дека во дијалогот со Бугарија се лицитира со историски прашања и се подрива идентитетот. Според него, ако власта имала чесна намера да ја вклучи опозицијата во процесот, прво требала да ги сподели одговорите на пакетот 5+1. Мицкоски испрати и порака до Софија – нема да поддржиме пазар што се прави зад затворени врати.
Мицкоски повторно побара предвремени парламентарни избори и упати апел до претседателот на Собранието да ја свика Комисијата за избори и именувања. Премиерот Ковачевски со порака до БЕСА, да почне да се однесува како опозиција во Собранието, затоа што треба да се почитуваат стандардите на парламентарната демократија.
Марина С. Тонева
