Тутунарство

Лиценци за проценители на тутун

17.02.2022 08:04

За да можат да бидат присутни на секоја вага за време на откупот на тутунот, проценителите мора да имаат лиценци. Пријавувањето за испитот ќе трае до 21 февруари, а полагањето и проверката на стручноста ќе се врши во институтот за тутун во Прилеп.

Почнува пријавувањето за полагање на испитите за добивање на лиценци за процена на тутунот. Крајниот рок за поднесување на документите е до 21 – ти овој месец. Пред полагањето кандидатите мора да имаат обука која ќе се одржи на 28 февруари и да добијат потврда од институтот за тутун во Прилеп. Проверката на знаењето и стручноста е закажана за 1 март годинава.

Кандидатите мора да имаат завршено најмалку средно училиште. Оние кои немаат соодветно високо, вишо или средно образование, а конкурираат за проценители, треба да се производители на тутун најмалку во последните пет години и треба да достават документ или потврда за откуп на тутунот од претпријатието со кое склучувале договори.

Тутунарите кои немаат соодветно образование треба да приложат и потврда од фирмата за работно искуство во областа на технологијата за производство и обработка на тутун. Со високо образование треба да имаат две, со вишо три, а со средно образование четири години работен стаж. Според законот, на секоја вага покрај производителот, мора да има по еден проценител од страна на откупувачот и еден од тутунско здружение. Досега, заклучно до 12 февруари предадени се вкупно 18.110 тони тутун со просечна откупна цена од 199,6 денари за килограм. 

Методија Трајков