Продолжува скрининг- тестирањето
Вчера во општина Карпош беа земени околу 200 единици крв од потребниот примерок за анализа. Истражувањето ќе се спроведе и во другите скопски општини, при што треба да се испитаат вкупно 1.000 примероци, според кои треба да се утврди процентот на колективен имунитет на граѓаните од главниот град.

Продолжува серолошкиот скрининг во Скопје. Вчера во општина Карпош беа земени околу 200 единици крв од потребниот примерок за анализа. Истражувањето ќе се спроведе и во другите скопски општини, при што треба да се испитаат вкупно 1.000 примероци, според кои треба да се утврди процентот на колективен имунитет на граѓаните од главниот град.
Засега нема влошување на епидемиолошката состојба во државата, а надлежните остануваат на ставот граѓаните да ја примат и третата доза вакцина против Ковид- 19 како најдобра заштита од вирусот. Во сила остануваат истите мерки, откако Уставниот суд вчера не поведе постапка по иницијативата за укинување на Ковид- сертификатите.
Според извештајот на Институтот за јавно здравје во изминативе 24 часа, битката со коронавирусот ја загубиле 23 пациенти, најмладиот на возраст од 44 години. Дополнително, во регистарот на умрени се внесени уште 13 починати во периодот од 1-ви до 4-ти февруари. 32-ца биле со коморбидитети.
Во последново деноноќие се регистрирани 1.091 нов случај на инфицирани со коронавирусот, регистрирани се и 2.322 оздравени, најмногу од Скопје 1.356.
Досега во земјава се направени вкупно 1.855.720 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 289.797. Бројот на оздравени пациенти е 272.184, на починати е 8.829. Има вкупно 8.784 активни случаи.
