Македонија

Вашингтон со поддршка на дијалогот меѓу Скопје и Софија

17.02.2022 12:34

Американскиот сенат расправаше за ветото од Бугарија за евроинтеграцијата. Американскиот сенатор Марфи побара САД да преземат поактивна улога за разрешување на ветото за почеток на преговорите со ЕУ. Американскиот пратеник за Западниот Балкан Ескобар изјави дека САД поддржуваат дијалог меѓу Скопје и Софија и се надеваат дека ќе се постигне решение во разумен временски рок.

Ветото на Бугарија – тема на сослушувањето во американскиот сенат за состојбите на Западен Балкан. Сенаторот Крис Марфи укажа дека САД тешко можат да притискаат за продолжување на реформите во регионот ако нема евроинтеграција. Тој праша што тие можат да направат за да и укажат на Софија дека е и во нејзин интерес да не ја кочи евроинтеграцијата на нашата земја.

„Измина една година или повеќе откога Бугарија стави вето на почеток на преговорите меѓу северна Македонија и ЕУ. Дали гледате дека овие разговори можат да вродат со плод? Со што сад можат да влијаат на Бугарија за да се избегне оваа катастрофа ако е можно и да се покаже напредок кон Европа? Зошто една држава стои на патот? Што уште можеме да направиме и какви надежи имате за разговорите со овие два нови лидери?“- праша американскиот сенатор демократ Крис Марфи.

Заменик-помошникот секретар за Европа и евроазиски прашања, Габриел Ескобар одговори дека САД го поддржуваат директниот дијалог меѓу Скопје и Софија и се надеваат дека наскоро ќе се постигне решение за отстранување на блокадата за почеток на преговорите.

„Северна Македонија и Бугарија се вредни НАТО сојузници. Ние се надеваме дека ќе ги разрешат своите разлики преку конструктивен дијалог и добра волја при преговорите. Двете нови влади ни дадоа осигурување дека тоа се случува. Затоа ние го поддржуваме процесот и се надеваме дека ќе има решение во разумно време“, изјави Габриел Ескобар.

Сенаторот Марфи по дипломатскиот одговор од претставникот на стејт департментот, побара сад да преземат поактивна улога со зголемена американска вклученост на највисоко ниво во обид да се најде решение, имајќи предвид дека има таква можност со новото лидерство. 

Ирина Гелевска