Опаѓа интересот за имунизација
Опаѓа интересот за имунизација во Охрид. Бројот на вакцинирани на дневна основа во споредба со летниот период е намален за повеќе од десет пати, а главно се имунизираат лица постари од 60 години. И покрај големиот број заразени со Ковид- 19 состојбата се стабилизира за што говори податокот дека во споредба со минатата недела бројот на хоспитализирани е преполовен...

Ако во текот на летото се имунизираа од 600 до 800 лица дневно, таа бројка во есенските месеци опадна на 100 до 300, а во моментов на дневна основа се вакцинираат од 30 до 50 граѓани. Од Здравствениот дом сметаат дека причина за малиот интерес е тоа што Охридскиот регион се вбројува помеѓу оние каде што имунизацијата беше најмасовна при што беше вакцинирано близу 70 проценти од населението.
„Воглавно се заинтересирани од постарата генерација, односно повозрасната над 60 години, а интересот за бустер доза кај помладата генерација не е на високо ниво. Заинтересирани се само доколку им треба сертификат за патување“, изајви д-р Соња Мариноска, Здравствен дом Охрид.
Зголемениот број на заразени според лекарите се должи на непочитување на мерките за заштита од коронавирусот поради што апелираат граѓаните особено повозрасните од ризичните групи да се вакцинираат со бустер доза.
„Научните истражувања покажаа дека бустер дозата штити од реинфекции, го зголемува имунитетот од ковид, штити од хоспитализации и од летален исход. Заради тоа препорака е во што поголем број и помасовно граѓаните да се вакцинираат и со трета доза“, вели д-р Мариноска.
Што се однесува до хоспитализираните лица, нивниот број во споредна со минатата недела е преполовен и во моментов во одделенијата на Општата болница се лекуваат 25 граѓани. Тоа покажува дека состојбата се стабилизира, но како што велат лекарите не треба да има опуштање бидеќи вирусот е непредвидлив.
Сашо Нелоски
