Анкета: ВМРО-ДПМНЕ и Иванов во водство
Според анкетата на институтот Димитрија Чуповски, за ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат 27,8 проценти од испитаниците, речиси двојно повеќе споредено со СДСМ...

Институтот Димитрија Чуповски излезе со ново истражување на јавното мислење. Според истражувањето, 35,5 проценти од испитаниците сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на следните избори, наспроти 13,8 насто кои веруваат оти победник ќе биде СДСМ.
За ВМРО-ДПМНЕ, според анкетата, ќе гласаат 27,8 проценти од испитаниците, речиси двојно повеќе споредено со СДСМ.
На прашањето кое се однесува на првиот круг од претседателските избори, 30,8 насто одговориле дека ќе гласаат за кандидатот на владејачката партија Ѓорѓе Иванов, наспроти 16,1 отсто чиј избор е Стево Пендаровски. 7,4 насто од гласовите според истражувањето ќе отидат кај кандидатот на ДПА, Илијаз Халими и 2,2 отсто на контото на Зоран Поповски од ГРОМ.
Никола Груевски се уште е политичарот кој ужива најголема доверба (кај 27,9 отсто од испитаниците), а зад него се Али Ахмети и Зоран Заев со доверба од околу 7 проценти.
Половина од анкетираните одговориле дека веруваат оти ВМРО-ДПМНЕ ќе ги исполни ветувањата, а за 43,3 проценти раководството на владејачката партија е поспособно.
Истражувањето на институтот Димитрија Чуповски е спроведено телефонски во периодот од 28 до 31 март, на примерок од 1.510 испитаници, со цел, како што велат од Институтот – да се измери поддршката на граѓаните за кандидатите за претседател, политичките партии и лидери. Анкетата е спроведена на цела територија на Македонија, а подлежи на статистичка грешка од +/- 2 процента.
Од институтот анализираат дека, резултатите од оваа анкета, споредено со претходната од јануари, покажуваат дека рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ пораснал за дополнителни 1,7 проценти, а на СДСМ забележал благ пад од 0,2 проценти поени.
