Земјоделство

Донесена програмата за земјоделски субвенции

18.02.2022 07:46

Донесена е новата програма за субвенционирање на земјоделството за 2022 година. На сметките на земјоделците треба да се најдат скоро 3,5 милијарди денари. Најголем дел од вкупната финансиска поддршка е предвидена за растителното производство.

Со 2 милијарди денари годинава ќе се субвенционира растителното производство или со речиси две третини од сумата предвидена во програмата за финансиска поддршка во земјоделството.

Право на државна помош земјоделците ќе имаат и за премии за осигурување, за заштита на земјоделско земјиште, за млади земјоделци носители на земјоделски стопанства. Остануваат и досегашните мерки за складирање на пченицата и субвенцијата од 50 проценти за зелената нафта, односно најмногу до 100.000 денари по земјоделско стопанство.

За заостанатите обврски поради специфичноста на производството и неисплатените субвенции на земјоделците од 2012 до 2020 година, за враќање на долгот се предвидени скоро 1 милијарда денари.

Со 10 милиони денари ќе се поддржуваат и одредени категории носители на земјоделско стопанство.

Дополнителни 10 за млад земјоделец и 20 проценти за регистриран индивидуален земјоделец. Зголемена субвенција им следува и на мали земјоделски стопанства и на сточарските фарми.

Методија Трајков