РКЕ: Намалени трошоци за компаниите на слободниот пазар на струја
Снабдувањето на 222 компании, кои од 1 април се на слободниот пазар, се одвива без проблеми, а за нив се грижат 5 компании снабдувачи...

Пазарот на електрична енергија во земјава е либерализиран меѓу 45 и 50 % и останува уште на 1 јануари 2015-та да излезат и домаќинствата и малите потрошувачи.
Снабдувањето на 222 компании, кои од 1 април се на слободниот пазар, се одвива без проблеми, а за нив се грижат 5 компании снабдувачи.
„Првиот бенефит е тоа што тарифите кои ги објави РКЕ за дистрибутивните компании по напонски нивоа се пониски од 38 до 73 проценти од претходните просечни цени за дистрибуција. Вториот бенефит е што набавката на струја во овој период од сите снабдувачи беше со пониски цени од овие со оглед на тоа што и берзанските цени во овој период се ниски. Значи бенефитот кој ќе го имаат компаниите е навистина многу добар за нив. Соодветно на тоа единствен дополнителен трошок ќе биде плаќањето на дебалансите“, рече денеска на прес-конференција претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Димитар Петров.
Регулаторната комисија за енергетика соопшти дека од 29 јавни претпријатија, 10 веќе избрале снабдувач, а останатите имаат рок до 1 јули да ги завршат тендерските постапки и да склучат договор за снабдување.
