Гасификацијата- спас од високи зимски трошоци за штипјани

03.04.2014 15:42

Штип е дел од главната гасоводната мрежа што ќе се гради во рамките на македонскиот крак од гасоводот Јужен тек. И додека компаниите ги прават првите проценки за заштедата, за граѓаните гасот ќе биде спас од високите зимски трошоци...

14.30 минути, вообичаено време кога околу 8.000 штипјани се упатуваат кон дома по работниот ден. Во наредните два часа, електричната мрежа се доведува до усвитување. Растат и сметките за струја. Дали најавената изградба на гасоводната мрежа и можноста за користење на гас, ќе го олеснат семејниот буџет?  Што велат штипјани?

„Колку што слушам од околните земји, сигурно е поефтин...Не, не верувам. Се’ е исто – и дрва и гасот, само што ќе биде почисто...Секако дека ќе е поисплатливо...Можеби ќе го поефтинат.  Јас се грејам на дрва, скапо е...“, велат анкетираните штипјани.  

На поефтиниот гас ќе се почека, бидејќи со владиниот проект прво ќе  гасифицира скопскиот и на западниот регион, па дури потоа останатите градови. Меѓутоа, општина Штип уште пред две години формира јавно претпријатие. Се јавиле и  заинтересирани оператори со мрежата, преку јавно приватно партнерство. Но,  граѓаните нема да бидат први на листата корисници на поефтиниот  енергенс.

„Примарни се општинските институции, потоа паралелно стопанството, меѓутоа не ги исклучуваме ни граѓаните. Но, ќе треба да се види финасиската моќ на граѓаните за една ваква постапка“, вели Драган Ристов од општина Штип.

Пристапот до гасоводната мрежа е првиот трошок за граѓаните. Колку ќе чини, не се знае. Се анализираат искуствата од Струмица, каде што приклучокот е 700 евра или од Куманово со  800 евра. Вториот, како што го нарекуваат „внатрешен“ трошок е замената на апаратите за домаќинство.

„Мора да бидат променети одредени уреди. Ги набројувам уредите кои во најголем дел влегуваат во сметката за струја како најголеми потрошувачи. Тоа се шпорет, бољер, печка...“, изјави Виктор Донски, магистер по обновливи извори на енергија.

Клучното прашање е колку едно просечно штипско домаќинство може да си дозволи ваква почетна инвестиција, вели Донски, според кој Владата треба  да размислува за субвенции за граѓаните. 

Штип има над 12.700 домаќинства, од кои само дел ќе имаат пристап до гасот. Општината планира да го донесе гасот до реоните каде тие ќе можат да го платат приклучокот и да го прилагодат домот за негово користење.

 

Весна Коловска