Историчарите тврдат

Заедништвото е замка во која политичарите дозволуваат да падне историското

18.02.2022 14:23

Промоцијата на заедништвото се третира од политичарите и од одделни историчари како компромис, но тоа е замката во која нашите политичари дозволуваат да падне историското, велат дел од историчарите...

Во фокусот на научната дебата на историчарите за антифашизмот се Македонско- бугарските односи. Промоцијата на заедништвото се третира од политичарите и од одделни историчари како компромис, но тоа е замката во која нашите политичари дозволуваат да падне историското, велат дел од историчарите.

Според нив, тоа е само бугарската идеја, односно, тоа што тие го сакаат. Затоа идејата на политичкото не треба да биде некое лажно учество, туку отвореност и ексклузивност.

„Еве ви го Гоце, еве ви го Илинден. Што сакате правете. Градете си го националниот мит, но оставете да го градиме нашиот. Политиката треба да инсистира на таа ексклузивност. Ние немаме никаков проблем ако Бугарите го темелат својот мит и до амебите, до протоплазмата“, вели историчарот Трајче Стојанов.

Историчарите велат дека политичарите постојано тврдат дека историјата им ја оставаат ним, но сепак тие и со Преспанскиот и со Договорот со Бугарија навлегуваат во историската наука. Тоа е очигледно, со обидите Бугарија евентуално да прифати постоење на Македонците, но само после 1944-та и сѐ пред тоа да има поврзаност со бугарско потекло.

„Треба да се потсетиме кои беа тезите на грчката, општествена и научна елита за неприфаќањето на името Илинденска Македонија и кои одеа во насока на неговиот корен и географија“, вели Иванка Василевска.

За некои од историчарите Антифашистичкото востание претставува најважен меѓник во македонската борба за национална слобода и самобитност, во борбата за посебниот македонски национален иденитет, што не смее да се заборави или напушти.

 

Фиљана Кока