Матичните лекари на протест, бараат од Фондот повеќе пари по пациент
Финансиските шокови, високите сметки за струја и минималната плата особено ги погоди матичните лекари од помалите места. Бараат промена на вредноста на капитацискиот бод по пациент што ја плаќа Фондот...

За време на целодневниот протест во земјава, матичните лекари примаа само итни случаи. Со физичко присуство се протестираше пред подрачната единица на Фондот за здравство во Велес, а на протестот се приклучија и стоматолозите.
Финансиските шокови, високите сметки за струја и минималната плата особено ги погоди матичните лекари од помалите места, бидејќи се соочуваат со ризикот од затворањето на ординациите, велат во Здружението на матичните лекари.
Бараат промена на вредноста на капитацискиот бод по пациент што ја плаќа Фондот и затоа реагираат поради неколкукратното покачување на платите во јавното здравство, додека кај нив капитацијата и натаму е 63 денари по пациент. Велат- проблемите достигнаа точка на вриење и време е здравствените власти да најдат соодветни решенија.
Лошата состојба предизвикала во последните пет години, бројката на матични лекари да опадне од 1.800 на 1.436 лица, реагираат во здружението. Информираат и дека во последниве години се затворени околу 400 амбуланти во Македонија.
Велат – решението е да се зголеми надоместокот што го добиваат од Фондот и да се укинат казните што постојано ги добиваат за административните пропусти.
Марија Котовска
