Ќе се прават анализи за да се дефинира методологијата на покачување на пензиите
Според вицепремиерот Битиќи, анализите ќе овозможат да се дефинира моделот и методологијата на покачување на пензиите, а процесот ќе се одвива низ отворен дијалог и меѓусебно разбирање на сите засегнати страни.

Ќе направиме симулација на предлозите за покачување на пензиите, вели вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, по состанокот со претставници на пензионерите. Според него, анализите ќе овозможат да се дефинира моделот и методологијата на покачување на пензиите, а процесот ќе се одвива низ отворен дијалог и меѓусебно разбирање на сите засегнати страни.
„Тоа што ни остана за задача како влада е во наредниот период да направиме симулации на тоа што го зборувавме денеска, да видиме какви импликации ќе има тоа за пензискиот фонд. Не би сакале да влеземе во дискусија за загрозување на пензискиот фонд. Сакаме да останеме со стабилен пензиски фонд, но да осигура дека од оваа година пензионерите ќе добиваат повисоки пензии“, изјави вицепремиерот Битиќи.
„Ова значи придобивка за околу 333 илјади наши граѓани, пензионери. Создаваме систем според кој пензионерите ќе имаат сигурност и покачување на нивните пензии, носиме решение на долг рок“, вели министерката за труд и социјална политика Тренчевска.
Преставниците на партијата и на сојузот на пензионери се задоволни од дијалогот со владата. Тие очекуваат скоро усогласување на нивните ставови.
Следната средба треба да се одржи следниот месец, за кога очекуваат постигнување на конечното решение.
Марина Стојанова- Тонева
