Барање за продолжување на рокот за субвенции на оризот
Оризопроизводителите бараат продолжување на рокот за пријавување за субвенции за предадената оризова арпа. Според министерството, огласот кој заврши во декември, најверојатно, ќе биде продолжен по контролите на државниот инспекторат за земјоделство. Првичните проценки се дека скоро 15 000 тони арпа седат непродадени во амбарите.

Министерството за земјоделство, се подготвува за продолжување на рокот за поднесување на барањата за добивање 3 денари за килограм произведена и предадена оризова арпа. Државниот инспекторат за земјоделство ги прави потребните контроли на терен за да се утврдат точните количество што сè уште не се преземени.
Контролите од инспекторатот треба да бидат направени и завршени уште оваа недела, затоа што и самите земјоделци предупредуваат на можни манипулации со кои може да се случи неоткупениот ориз двапати да се субвенционира.
Првичната информација е дека во амбарите има останато уште околу 15.000 тони што чекаат да бидат продадени.
Дополнително ќе се одлучува и дали парите побарани во дополнителниот рок ќе бидат исплатени преку програмата за директни плаќања или преку ковид пакетот.
Според министерството поддршката за оризопроизводителите последните четири години постојано се зголемува. Субвенциите за зголемени за 300 проценти, а се воведе и мерката за зелена нафта за која оваа година износот за кофинансирање е зголемен за 13 отсто, колку е што е зголемена цената на нафтата.
Методија Трајков
