Прва изведба на реквиемот од Прајснер посветен на Кишловски
Збигњев Прајснер е еден од водечките композитори на филмска музика, и еден од најзначајните во неговата генерација.

Оркестарот на Филхармонија во четврток, во 20 часот премиерно ќе го изведе „Реквием за мојот пријател“ на композиторот Збигњев Прајснер, посветен на режисерот Кшиптоф Кишловски.
Диригент е Емил Табаков, а како солисти ќе настапат вокалистите Билјана Јосифов, Енди Шен Лиу (Кина/Англија), Бојан Булатовиќ (Србија), Ѓорѓи Цуцковски, Александар Стефаноски, Золтан Борбељ (Србија) на оргули, Каролина Бетер (Германија/Србија) на соло блок флејта и мешаниот хор „Про Арс“.
Збигњев Прајснер (1955) е еден од водечките композитори на филмска музика, и еден од најзначајните во неговата генерација. Прајснер соработуваше со познатиот полски режисер Кшиштоф Кишловски на неговите филмови „Декалог“, „Двојниот живот на Вероника“, трилогијата „Три бои: сино, бело и црвено“, кои му донесоа интернационална слава.
Токму за неговиот близок пријател и соработник Кишловски го пишува првото поголемо дело – „Реквием за мојот пријател“ што го издава во 1998 година за „Ворнер класикс“.
