Прво повисоки цени на тутунот, па договори
Новоформираните тутунски здруженија од Пелагонискиот регион со трибини за проблемите во тутунопроизводството. Бараат зголемување на цените по класи и линеарно зголемување на субвенциите. Да не се склучлуваат договори додека не се зголемат цените. Велат, трошоците се поголеми од цените на тутунот кој пак годинава не се плати според квалитетот...

Зголемување на цените по класи во сооднос со трошоците на производството, израмнување на субвенциите, линеарно за сите класи на 90 денари и вклучување на тутунарите во мерката зелена нафта. Ова го бараат новоформираните тутунски здруженија кои од Прилеп почнуваат серија трибини за решавање на проблемите во тутунопроизводството.
Досега се откупени 18.700 тони тутун по просечна цена од 203 денари за килограм. Според нив, реколтата не ги исполни очекувањата: поради квалитетот требаше да има повисоки цени, а нема да се стигне ниту до планираните 22.000 тони.
Ги предупредуваат откупувачите да не склучуваат договори по стари цени. Со вакви состојби се смета дека ќе се напушти тутунопроизводството. Новоформираните здруженија барањата ќе ги достават до Сојузот на земјоделските здруженија кого го поканија но не дојде, и до Министерството за земјоделство.
Елизабета Митреска
