„Излези да гласаш“ со 5.000 набљудувачи за претстојните изборите

03.04.2014 15:50

Активностите на коалицијата „Излези да гласаш“ за време на изборниот процес пред се ќе бидат насочени кон едукација и информирање на граѓаните за изборниот процес и правото на глас...

Коалицијата на граѓанската асоцијација „Излези да гласаш“  на претстојните претседателски и парламентарни избори ќе го следи изборниот процес   со што ќе придонесе  во зајакнување на демократските капацитети, отсликани во организирање и спроведување на изборите.
 
Активностите на коалицијата „Излези да гласаш“ за време на изборниот процес пред се ќе бидат насочени кон едукација и информирање на граѓаните за изборниот процес и правото на глас како и набљудување на самиот изборен процес.
 
„Сакаме да ве информираме дека поднесовме барање до ДИК за акредитирање на околу 5.000 набљудувачи кои што ќе бидат распоредени во 6 изборни единици на територијата на Македонија“, истакна Симона Марковска, порпарол на „Излези да гласаш“.
 
Исто така, додаде таа, коалицијата ќе ги следи активностите за време на кампањата на кандидатите за претседател  и активностите на политичките партии и кандидатите за пратеници во Собранието.
 
Коалицијата на граѓанската асоцијација „Излези да гласаш“ од своето формирање активно учествува во набљудување и следење на изборните процеси во Македонија.
 
Досега активно учествуваше во набљудувањето на изборниот процес во 2008  со 593 набљудувачи, во 2011 г со 1192 набљудувачи, додека пак на локалните избори во 2013  првиот круг го следеле со 3534 волонтери набљудувачи на целата територија на  Македонија, а вториот круг со 324.
 
Од таму апелираат за мирна и демократска атмосвера, за фер и коректни избори без насилство и кршење на законските регулативи.