Османи: Ништо не е договорено со Бугарија додека не се договори сѐ
Шефот на дипломатијата,Османи рече дека разговорите се во тек и затоа не смее да открие детали дали во преговарачката рамка ќе влезе впишувањето на бугарската заедница во нашиот Устав, но и дали ова значи подобрување на ситуацијата со правата на македонското малцинство во Бугарија

„Ништо не е договорено со Бугарија додека не се договори сѐ“, вака шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи ја коментираше изјавата на бугарскиот премиер Петков дека Скопје и Софија се договориле до Европската комисија да достават заедничка изјава за унапредување на човековите права во двете држави.
Османи рече дека разговорите се во тек и затоа не смее да открие детали дали во преговарачката рамка ќе влезе впишувањето на бугарската заедница во нашиот Устав, но и дали ова значи подобрување на ситуацијата со правата на македонското малцинство во Бугарија.
На маса сѐ уште е португалскиот предлог, со кој билатералните прашања не треба да влезат во преговарачката рамка и дека паралелно треба да се работи на постигнувањето решение на недоразбирањата и почетокот на преговорите со ЕУ, вели Османи.
Од МНР информираа дека важи препораката да не се патува во Украина. Османи рече дека оттаму веќе се вратиле 12 македонски државјани и семејства на дипломатите. Во Украина останале 30 македонски набљудувачи во рамки на специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ. Како превентивна мерка во случај на можен судир, МНР исплатило три плати и кирии за амбасадата во Киев.
Ирина Гелевска
