Ковид-19

Основците се тестираат за Ковид-19

21.02.2022 13:45

Почна тестирањето на основците за ковид-19. Медицински лица од утринава во училиштата го вршеа скринингот. Во првото училиште од 108 пријавени за тестирање 3 ученици се позитивни.

Со согласност од родителите в рака, основците еден по еден го чекаа редот за да влезат во просторијата, каде беа тестирани за ковид-19. Во надминување на нивниот страв од непријатниот брис, им помогна ведриот и неуморен Денис, познат како Космонаутко. Од изутрина, тој заедно со медицински техничар вршеа тестирање во училиштата во скопската општина Бутел.

И вториот ден од скринингот откри ученици позитивни на коронавирусот. Во училиштето „Живко Брајковски“ од 108 тестирани, 3 се позитивни.

Од министерството за здравство соопштија дека се добиени 5000 согласности од родителите, а околу 2000 ученици треба да бидат дел од скринингот во основните училишта. Поради се поголемиот број на деца до 14 години заразени со ковид- 19, комисијата за заразни болести иницираше скрининг кај основците за да се превенира ширењето на вирусот.

Викторија Милевска