Уверувања и обвинувања во разговорите со Бугарија
Премиерот Ковачевски уверува – во односите со Бугарија се движиме во рамки на резолуцијата и на европските вредности, Брисел е вклучен во процесот. ВМРО-ДПМНЕ обвини дека се преговара надвор од црвените линии. Мицкоски вели – порано или подоцна ќе има избори.

Разговорите со Бугарија се во духот на европските вредности и се темелат на Резолуцијата донесена во Собранието, врз чијашто основа ги имаме поставено нашите преговарачки позиции, уверува премиерот Ковачевски. Според него, дијалогот со Софија го задржува дигнитетот на граѓаните од двете држави, а во процесот е вклучена и Европската комисија бидејќи преговарачката рамка треба да биде одобрена од сите земји-членки на Унијата за да може да добиеме датум за првата меѓувладина конференција.
Јазикот, идентитетот и македонската национална посебност не смеат да бидат тема на разговор, а Македонија треба да добие писмени гаранции дека Бугарија нема да го негира јазикот и идентитетот, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму сметаат дека Ковачевски треба да побара гаранции од Брисел дека Македонија нема повеќе да биде блокирана. Опозицијата е на став дека се потребни предвремени избори.
Ковачевски го повтори ставот на владејачката партија дека предвремени избори нема да има и порача дека тие ќе се случат во редовниот термин во 2024 година. Според премиерот ако тема за дијалог со опозицијата се единствено изборите, нема да има средба со Мицкоски затоа што на земјата и е потребно лидерство и одговорност за справување со предизвиците кои произлегуваат од енергетската и здравствена криза.
Анита Д. Велковска
