Повисокиот минималец на пленарна седница
Зголемувањето на минималецот на пленарка пред пратениците. Од власта велат, решението е прифатливо за социјалните партнери, со новата методологија се гарантира одржливост и континуиран раст. Опозицијата ќе го поддржи законот, но реагира за отфрлените амандмани...

Предлог- законот за минимална плата пред пратениците во второ читање. Со измените се предвидува да изнесува 18 илјади денари. Се воведува нова методологија за нејзино усогласување. Новина е дека се уредува дека висината на минималецот не смее да биде понизок од 57 проценти од просечната плата. Поддршка и за работодавачите од државната каса од илјада сто деведесет и седум денари, во периодот март-декември годинава. Ова е двојно зголемување во однос на 2016-та. Целта е да се подобри стандардот на граѓаните, вели министерката за труд и социјала.
ВМРО-ДПМНЕ со поддршка за зголемување на минималната плата. Сепак, разочарани што не беа прифатени амандманите за скалесто зголемување на платите. Македонија е меѓу 4-те најсиромашни држави, а потрошувачката кошничка е зголемена за 700-ни денари. Според опозицијата, Владата мора да покаже повеќе сенс за потребите на граѓаните. Побарано доследно почитување и на колективните договори.
Зголемувањето на минималната плата, автоматски значи дека ќе се зголемуваат сите плати, велат од СДСМ. Од власта побараа опозицијата да се откаже од како што велат, блокадата на предлог-закон кој предвидува зголемување на платите на 27 илјади наставници и за трансформација на работниот однос во определено време за 4 илјади и 700 наставници и стручни соработници.
На зголемувањето на минималецот му предходеше дијалог меѓу Владата, синдикатот и работодавачите. ССМ се закани- или 18 илјади денари во март или штрајк.
Милчо Велески
