Свет

Западот со осуда за одлуката на Путин, се подготвуваат санкции

22.02.2022 09:45

Западот со осуда за одлуката на Путин да ја признае независноста на Доњецк и Луганск. Киев бара повлекување на одлуката. Зеленски вели-Украина останува со постојните граници. САД подготвуваат санкции, но се стравува од војна. Москва останува отворена за дијалог. Под знак прашање е најавената средба Бајден-Путин…

Рускиот претседател Владимир Путин ги призна сепаратистичките региони во Источна Украина како независни држави. Пред очите на целата јавност потпиша указ за признавање на суверенитетот на самопрогласените Доњецк и Луганск.

„Советска Украина настана благодарение на Болшевичката политика. И во наше време, со добра причина сè уште може да се нарече Украина на Владимир Илич Ленин. Тој е авторот и архитектот. Подготвени сме да ви покажеме што навистина значи декомунизација на Украина. Мислам дека е неопходно да се донесе одамна задоцнета одлука и веднаш да се признае независноста и суверенитетот на Народна Република Доњецк и Народна Република Луганск“, рече рускиот претседател Владимир Путин.

Бурни реакции на меѓународната заедница. Американскиот претседател Бајден даде извршна наредба за воведување забрана на трговија и инвестиции на американски државјани во украинските сепаратистички региони. Санкции стигнуваат и од Брисел и Лондон. Украинскиот претседател Зеленски побара јасна поддршка од западот, истакнувајќи дека Украина не се плаши и нема намера никому да отстапува ништо.

„Ние сме на своја земја. Не се плашиме од ништо и од никого. Никому ништо не должиме и никому ништо нема да даваме. Не е февруари 2014-та година, туку февруари 2022-та година. Тоа е поинаква Украина“, нагласи украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Од Советот за на Европа предупредија – признавањето на сепаратистичките региони во Украина е спротивно на меѓународното право и претставува еднострано кршење на договорот од Минск. Ја потврдија поддршката за суверенитетот и територијалниот интегритет. Итен состанок свика и Советот за безбедност на Обединетите нации. Во Доњецк и Луганск, пак, се слави. Огномет и руски знамиња по улиците на сепаратистичките региони.

„Многу сме среќни, на ова чекавме осум години. Ова е нашиот став кон терористичката држава, Украина. Сега кога Русија ја призна нашата независност, мислам дека војната наскоро ќе заврши“, велат жители на регионот.

Претходно, илјадници луѓе беа евакуирани од Источна Украина. Главно повозрасни лица, жени, деца со автобуси беа изнесени од сепаратистичките региони. Дијалогот е во преден план, но оружјето и натаму ѕвечка. Средбата Бајден-Путин е малку веројатна, иако Москва и Вашингтон изразија подготвеност за разговор.

Маја Стојанова