Хасани ја отвори работилницата „План за одбрана на Република Северна Македонија“
Заменикот министер Хасани на отворањето порача дека одбраната претставува една од највиталните функции на државата каде што надворешната и внатрешната стабилност се основен предуслов за општествен развој и зголемување на благосостојбата на граѓаните и државата.

Заменикот министер Башким Хасани, денеска во Домот на Армијата ја отвори дводневната работилница на тема „План за одбрана на Република Северна Македонија“ која ја организира Секторот за политика и планирање во Министерството за одбрана.
Заменикот министер Хасани на отворањето порача дека одбраната претставува една од највиталните функции на државата каде што надворешната и внатрешната стабилност се основен предуслов за општествен развој и зголемување на благосостојбата на граѓаните и државата.
„Со соодветно организирање на одбраната на земјата се гарантира стабилност и подготвеноста за заштита од сите видови загрозувања. Постоењето на стабилен, ефикасен и современ систем за одбрана креира услови за стабилна меѓународна положба на Република Северна Македонија. Во 2020 година, нашата држава исполни една од своите две долгорочни надворешно политички цели, а тоа е полноправно членство во Северноатлантската алијанса како 30-ти сојузник“, рече Хасани.
Одбранбените подготовки, подвлече Хасани, се траен процес кои временски не се ограничуваат, имаат многубројни активности, мерки и задачи што ги спроведуваат носителите на овие подготовки. Како суштествен документ што ја отсликува потребата од одбранбените подготовки претставува и „Планот за одбрана“, но денес со потреба од соодветно согледување и утврдување на неговото место и улога особено како земја-членка на Северноатлантската алијанса.
