Македонија

Спасовски во Виена учествува на Министерска конференција

22.02.2022 12:06

Министерот Спасовски посочи дека дополнителен предизвик е и потребата од јакнење на националните капацитети за асистирано и присилно враќање – област во која веќе се преземаат конкретни чекори, меѓутоа сè додека не се отстранат проблемите со непостоењето на договори за реадмисија и потесна полициска соработка, тие преземени активности нема да дојдат до полн израз дури и да се целосно развиени.

Денеска висока делегација од Министерството за внатрешни работи предводена од министерот Оливер Спасовски, заедно со државната секретарка Магдалена Несторовска учествуваше на Министерската конференција што во рамки на иницијативата „Платформа за заедничка координација“ се одржува во Виена, Република Австрија, во организација на австриското Министерство за внатрешни работи на тема „Регионален механизам за враќање, партнерства за враќање“, на која земаа учество министрите за внатрешни работи на земјите на ЕУ и земјите од Западен Балкан.

„Кога станува збор за нелегалната миграција, регионот, односно земјите долж рутата се среќаваат со истите предизвици кои беа присутни и во изминатиот период и кои веќе се идентификувани. За жал, не можеме да говориме за постигнување на значителен напредок поради немањето на договори за реадмисија или договори за полициска соработка, кои би ја регулирале областа на реадмисија со земјите на потекло, што во најголема мерка се должи на недоволно развиената соработка со земјите на потекло, особено во делот на утврдување на идентитетот на мигрантите, како и поради непостоењето или нерезидентноста на дипломатско-конзуларните претставништва во регионите од кои доаѓаат најголемиот дел од мигрантите“, истакна министерот Оливер Спасовски во своето обраќање на првиот панел за дискусија, посветен на регионалните и националните аспекти односно предизвиците и тековната состојба со илегалната миграција.