Македонија

Радев: Бугарите во Устав, па преговори

22.02.2022 12:49

Бугарскиот претседател Радев на средбата со претставници на бугарските организации и здруженија од Македонија побарал јасни и категорични гаранции од македонските власти за впишување на бугарите во нашиот устав, пред почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Радев смета дека ова не е мешање во внатрешните работи на Македонија.

Бугарскиот претседател, Румен Радев бара впишување на македонските Бугари во Уставот, јасни гаранции и точни рокови за решавање на отворените прашања пред почетокот на пристапните преговори на земјава со Европската унија. Тој во Софија имаше средба со претставници на организации и здруженија на македонските Бугари, на која им рече дека ги примил двапати за помалку од половина година, што според него е показател дека бугарската држава сериозно се грижи за нивните проблеми.

„Бугарија е државата која најмногу сака брзо пристапување во семејството на Европската унија. Затоа е оправдано впишувањето на македонските Бугари во Уставот на Република Северна Македонија на рамноправна основа со другите народи, што значи, гарантирањето на нивните права да биде задолжителен услов за давање согласност од страна на Бугарија за прашањето на преговорите, односно, пред почетокот на преговорите да има јасни гаранции за заштитата на бугарското културно и историско наследство и пред да ја отвориме вратата за преговори да видиме јасен и одржлив процес на искоренување на говорот на омраза“, вели Румен Радев, претседател на Бугарија.

Според Радев ова не претставува мешање од Бугарија во внатрешните работи на нашата држава, туку поддршка со цел патот на земјава кон ЕУ да се заснова на европски вредности. Тој смета дека во моментов, Бугарите во земјава се невидливи.

„Јас не поддржувам идеи за малцинства или сепаратизам. Јас го поддржувам вашиот стремеж да бидете полноправни и ценети граѓаните на вашата земја“, вели Румен Радев, претседател на Бугарија.

„Промената на учебниците и откривањето на историска вистина е основата врз којашто ќе се изградат идните меѓусебни односи“, изјави Петар Колев, претседател на ГДУ.

Радев на средбата рече дека двете Влади преку работните групи прават амбициозни чекори за подобрување на довербата меѓу двете страни, но смета дека е потребно да има јасни рокови за решавање на отворените политички прашања. 

Мартин Пушевски