Македонија

Кацарска: Односот на пратениците кон Уставниот суд е несериозен

22.02.2022 13:01

Претседателката на Уставниот суд се сомнева дека некому можеби и му одговара, Уставниот суд да функционира во речиси преполовен состав, што, како што вели, влијае на тежината на одлуките што се носат...

Претседателката на Уставниот суд оценува дека е несериозен односот на пратениците кон судот, кој со месеци функционира во „десеткуван“ состав. Кацарска се сомнева дека некому можеби и му одговара, Уставниот суд да функционира во речиси преполовен состав, што, како што вели, влијае на тежината на одлуките што се носат.

„Ваквиот однос на пратениците е несериозен. Како впрочем да не ја сфаќаат улогата на Уставниот суд. Така да во последно време си го поставувам и самата прашањето дали можеби некому одговара Уставниот суд да е во ваква ситуација“, вели Кацарска.

Согласно Деловникот, појаснува таа, имаат надлежност да работат и со пет судии. Вели доволно е да се присутни само пет судии за да се држи седница. Меѓутоа, потенцира, тежината на одлуките кои ги носат дури и оние кои се носат едногласно со пет гласови „за“, е сепак поинаква во споредба доколку за таа одлука би дискутирале сите девет судии.

Претседателката на Уставниот суд потсети дека уште во април минатата година претседателот на Собранието, Талат Џафери е информиран дека на тројца судии престанува мандатот. Потоа и во ноември, Кацарска испратила писмо до Џафери со кое го информирала дека на еден судија му престанува мандатот на 14-ти јануари, но испратила и писмо со апел да се изнајде начин да се изберат овие четири судии.