Арсовска: Проектот за реконструкција на Универзална сала не е безбеден, затоа градежните работи се во застој
Во тек е фазата за реконструкција на фасадата и на кровот, додека за внатрешно уредување на објектот воопшто нема проектна документација. Според градоначалничката Арсовска, политички е неодговорно пласирањето на информации дека градските власти стопирале проекти...

Грешка и недостатоци во проектната документација, изработена и прифатена од претходното раководство на Град Скопје- причина за намалениот интензитет на активностите за реконструкција на Универзалната сала, вели градоначалничката Арсовска.
Во тек е фазата за реконструкција на фасадата и на кровот, додека за внатрешно уредување на објектот воопшто нема проектна документација. Според неа, политички е неодговорно пласирањето на информации дека градските власти стопирале проекти.
Според Арсовска, претходното раководство било свесно за проблемите, но продолжиле со градежни активности иако знаеле дека постојат грешки и пропусти во однос на реконструкцијата.
Арсовска додаде дека 120-те милиони денари, пари од државната каса, неплански и несоодветно биле искористени.
Од СДСМ, пак, обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ, иако раководи со повеќе од половина од општините, резултатите се еднакви на нула. Според нив, тие само бараат пари од Владата, а се луксузираат и трошат народни пари.
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ меѓусебно се обвинуваат дека на локално и на централно ниво секој работи единствено за свои интереси, на штета на граѓаните, општините и на државата.
Ана Јосифоска Тодоровска
