Лавина реакции по одлуката на Путин, САД и ЕУ со сакнции за Русија
Западот со осуда за одлуката на Путин да ја признае независноста на Доњецк и на Луганск. Киев бара повлекување на одлуката. Зеленски вели, Украина останува со постојните граници. САД и ЕУ со економски санкции за Русија. Москва останува отворена за дијалог. Германија го сопре гасоводот Северен тек 2...

Оружјето ѕвечка, дипломатско решение за украинската криза сѐ помалку извесно. Лавина реакции во меѓународната заедница откако рускиот претседател Путин го потпиша указот за признавање суверенитет на сепаратискитчките региони во Источна Украина. Американксиот претседател Бајден итно забрани секакви инвестиции на американски државјани во отцепените региони. Санкции воведуваат и Брисел и Лондон. Украинскиот претседател Зеленски побара јасна поддршка од западот.
„Ние сме на своја земја. Не се плашиме од ништо и од никого. Никому ништо не должиме и никому ништо нема да даваме. Не е февруари 2014-та година, туку февруари 2022-ра година. Тоа е поинаква Украина“, нагласи Зеленски.
На итниот состанок во советот за безбедност на Обединетите нации, жестока расправа. Западот со остра осуда кон Русија, обвинија за грубо кршење на меѓународното право и изговор на Русија за почеток на војна.
„Согласно со членот 51 од повелбата, Украина има право на индивидуална и колективна одбрана. Посветени сме на мирен и дипломатски пат. Не се плашиме од никого, ОН се заболени и тој вирус го шири Кремљ“, изјави Сергиј Кислица, амбасадор на Украина во ОН.
„Ова е напад врз украинскиот статус како членка на ОН. Ги нарушува основните принципи на меѓународното право, овој потег на претседателот Путин е јасно основа да се создаде обид за руска инвазија во Украина“, рече Линда Томас- Гринфилд, амбасадор на САД во ОН.
„За жал принудени сме да ја забележиме крајно негативната улога на западните колеги, предводени од САД, наместо да го принудат Киев да ги спроведе своите обврски, тие постојано повторуваат дека Русија не го спроведува договорот од Минск“, нагласи Василиј Небејзја, амбасадор на Руската федерација во ОН.
Откако и Думата ги ратификува договорите потпишани од претседателот Путин, руското МНР повика и други држави да го следат примерот за признавање на независност на отцепените региони.
А, во Луганск и Доњецк, се слави. Огномети и руски знамиња по улиците на сепаратистичките региони.
„Многу сме среќни, на ова чекавме осум години. Ова е нашиот став кон терористичката држава, Украина. Сега кога Русија ја призна нашата независност, мислам дека војната наскоро ќе заврши.“
Ситуацијата на светските берзи веќе врие. Вртоглаво паѓаат акциите на руските компании, а цената на нафтата постојано расте. Експерти најавуваат почеток на долгогодишна криза на истокот од Украина.
Маја Стојанова
