Владата ги ограничи трговските маржи на основните прехрамбени производи
Владата донесе одлука, во наредните три месеци да ги замрзне маржите во трговијата со основни прехранбени производи. Во трговијата на големо, маржата се лимитира на 5 насто, а на мало на 10. За непочитување на одлуката се предвидени и глоби кои зависно од големината на трговскиот субјект се движат од 800 до 10 илјади евра, во денарска противредност...

Владата одлучи од 1-ви март до 31-ви мај годинава да ги лимитира маржите во трговијата на големо и мало. Првите ќе може да додадат на основните прехранбени производи најмногу до 5% маржа, додека заработката во трговијата на мало се ограничува на 10%.
„Како посебен услов во трговијата со следниве производи:леб, шекер, сол, брашно тип-400, сурово сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајно млеко со масленост од 2, 8%, 3, 2% и 3, 5%, свежо месо и сувомесни производи, сирење и урда, ориз, јајца, тестенини, пченица како и дополнително од утврдената листа овошје и зеленчук“, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.
Бектеши очекува намалување на цените кај овие 13 основни прехранбени производи, затоа што анализите покажале дека кај некои производи во трговијата на мало маржите се движеле меѓу 30% и 50%. Затоа и се работи на закон за справување со нефер трговски практики, по урнекот на оние што се применуваат во некои од земјите членки на ЕУ, појасни министерот за економија. За непочитување на одлуката предвидени се и глоби кои зависно од големината на трговскиот субјект се движат од 800 до 10 илјади евра, во денарска противредност. Поради разгорувањето на кризата околу Украина, Бектеши не очекува посериозни проблеми во снабдувањето со енергенси во земјава.
„Во делот на континуирано и сигурно снабдување со струја посебно за домаќинствата и за стопанството не верувам дека ќе имаме некој проблем. Не очекувам да има некакви рестрикции, но за жал би можело да влијае во делот на цената на електричната енергија, затоа што само денеска имаше сериозно зголемување на берзанските цени на Купекс“, вели министерот Бектеши.
Сериозно е намален увозот на струја за потребите на универзалниот снабдувач, вели Бектеши и за наредната недела најави донесување посебен правилник со кој сите домаќинства и целата индустрија во земјава ќе имаат можност да инсталираат соларни панели на нивните покриви, а универзалниот снабдувач ќе биде обврзан да го презема вишокот произведена електрична енергија.
Свето Николовски
