Собрание

Трет ден расправа за измените на Законот за минимална плата

23.02.2022 09:48

Со ова законско решение, минималната плата од март треба да се зголеми на 18.000 денари од сегашните 15.200 денари. Очекувањата се дека ќе бидат опфатени околу 80.000 работници кои веќе во април ќе земат зголемена минимална плата.

Во Собранието денеска треба да продолжи дебатата за Предлог-измените на Законот за минимална плата. Собраниската расправа трае трет ден.

Со ова законско решение, минималната плата од март треба да се зголеми на 18.000 денари од сегашните 15.200 денари. Очекувањата се дека ќе бидат опфатени околу 80.000 работници кои веќе во април ќе земат зголемена минимална плата. Зголемувањето на минималната плата ќе биде помогнато од страна на државата, која од Буџетот ќе одвои 16 милиони евра за покривање на разликата во придонесите.

Законското решение следува откако на 7-ми февруари по неколкудневни преговори беше постигнат договор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата во рамки на Економско-социјалниот совет.

Предлог-измените се на дневен ред на 62-та собраниска седница, а претходно поминаа на матичната Комисија за труд и социјална политика.