Украинска криза

Блинкен ја откажа средбата со Лавров

23.02.2022 09:49

Дипломатското решение на украинската криза се помалку извесно. Американскиот шеф на дипломатијата Блинкен ја откажа средбата со рускиот колега лавров. Инвазијата почна, Русија јасно ја отфрли дипломатијата, нема никаква смисла да се среќаваме во оваа фаза, изјави Блинкен. Рускиот претседател Путин, пак, тврди дека Москва и натаму е отворена за дијалог.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја откажа средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, закажана за утре.

„Сега кога гледаме дека инвазијата започнува и Русија стави до знаење дека ја отфрла дипломатијата, нема смисла да продолжиме со таа средба. Сите сојузници се согласни. Ќе испратиме дополнителни сили во источното крило на НАТО за да се одврати и одбрани од каква било руска агресија“, изјави државниот секретар на САД Ентони Блинкен.

Од друга страна, пак, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва е подготвена да бара „дипломатски решенија“ и покрај зголемените тензии со западот, но нагласи дека за интересите на државата не се преговара.

„Нашата земја е секогаш отворена за директен и искрен дијалог, за барање дипломатски решенија за најтешките проблеми. Но, повторувам: интересите на Русија, безбедноста на нашите граѓани се безусловни за нас“, изјави претседателот на Русија Владимир Путин.

Истовремено мобилизирани и дел од воените резервисти во Украина. Претседателот Зеленски, изјави дека воените резервисти примиле повик, но исклучи генерална мобилизација откако Русија објави дека ќе испрати војска на истокот на Украина.

„Нема потреба од целосна мобилизација. Треба брзо да додадеме дополнителен персонал на украинската армија и другите воени формации. Како врховен командант на украинските вооружени сили, издадов декрет за мобилизирање резервисти во посебен временски период“, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски.

По руското признавање на делови на Украина, санкции најавени и од Австралија и Јапонија. Најавен е и онлајн самит на НАТО.

Бојана Крстевски