Ковид-19

Комисијата за заразни болести предложи укинување на две мерки, се чека одлука од Владата

23.02.2022 09:57

Предложено бремените да се вратат на работа, а за излез од државава да не треба тест и сертификат...

Комисијата за заштита од заразни болести вчера предложи две мерки кои се однесуваат на укинување на задолжителното поседување негативен ПЦР тест или потврда за прележаност или вакцинација при излез од земјата и укинување на ослободувањето од работа за бремените жени.

Комисијата ги доставила предлозите до министерот за здравство, а потоа тие треба да се проследат до Генералниот координативен кризен штаб и до Владата.

Според портпаролот на Комисијата, д-р Злате Мехмедовиќ, треба да очекуваме дека ќе се стабилизира епидемиолошката ситуација во државата, бидејќи веќе се наоѓаме во надолна крива на епидемиолошката состојба.

Во однос на тоа дали треба да има дополнително укинување односно укинување на генералните препораки за спречување на трансмисија на вирусот или мерки, Комисијата, појасни Мехмедовиќ, остана на ставот дека вакцинацијата во нашата држава изнесува 41 процент, зборуваме за две примени дози и дека е премногу низок опфатот со вакцинација за да се размислува во насока да има укинување на некои од мерките кои би спречиле и кои спречуваат трансмисија на вирусот.