Украинска криза

Путин: Отворени сме за дијалог

23.02.2022 12:07

„Интересите на Русија, безбедноста на нашите граѓани се безусловни за нас“, изјави претседателот на Русија Владимир Путин.

Дипломатското решение на украинската криза ставено под прашалник. Вашингтон го откажа состанокот Блинкен-Лавров. Бесмислено е да продолжиме со средбата-рече американскиот државен секретар.

„Сега кога гледаме дека инвазијата започнува и Русија стави до знаење дека ја отфрла дипломатијата, нема смисла да продолжиме со таа средба. Сите сојузници се согласни“, изјави државниот секретар на САД Ентони Блинкен.

Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин вели дека е подготвен да бара дипломатски решенија и покрај зголемените тензии со западот.

„Нашата земја е секогаш отворена за директен и искрен дијалог, за барање дипломатски решенија за најтешките проблеми. Но, повторувам: интересите на Русија, безбедноста на нашите граѓани се безусловни за нас“, изјави претседателот на Русија Владимир Путин.

Дел од резервистите во Украина примиле повик, но општа мобилизација засега нема откако Русија објави дека ќе испрати војска на истокот на Украина.

„Нема потреба од општа мобилизација. Како врховен командант на украинските вооружени сили, издадов декрет за мобилизирање резервисти во одреден временски период“, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски.

И додека политичарите меѓусебно си ја префрлаат вината, населението страда.

„Вака изгледа деескалацијата. Денеска имаше најголемо гранатирање. Едните пукаат од ваму, другите пукаат од таму, а ние сме на средина и страдаме“, вели жител на Луганск.

По руското признавање на делови на Украина, со санкции и Австралија и Јапонија.

„Веќе има извештаи за гранатирање што може да значи дека инвазијата е почната. Ќе воведеме забрани за патување, финансиски и економски санкции за осум членки на советот за безбедност на руската федерација, но и во регионите Луганск и Доњецк“, изјави премиерот Австралија Скот Морисон.

„Го суспендираме издавањето визи за службениците на таканаречените две републики и го замрзнуваме имотот. Воведуваме забрани за увоз и извоз и за издавање на нови обврзници во Јапонија од страна на руската влада“, рече премиерот на Јапонија Фумио Кишида.

Додека се зголемува листата на земји што воведуваат санкции против Русија, кина обвини дека со испраќањето оружје во Украина, САД е виновен за тензиите и создавањето паника.

Бојана Крстевски