Македонија

Тупанчески: Владеењето на правото клучно на реформскиот пат

23.02.2022 14:17

На средбата министерот ја потенцираше круцијалната улога на Министерството за правда во спроведувањето на реформите од поглавјето 23 во пристапните преговори со Европската Унија.

Министерот за правда Никола Тупанчески денес оствари средба со амбасадорот на Франција Н.Е. Сирил Бомгартнер, на која разговараа за соработката меѓу двете земји во областа на правосудството, за напредокот во спроведувањето на реформската агенда, како и за приоритетите на Министерството за правда опфатени со новата Стратегија за реформа во правосудниот сектор 2023-2027.

Министерот Тупанчески го честита претседавање на Франција со Советот на ЕУ нагласувајќи ја европската определба на Северна Македонија и очекувањата дека ќе се потврди посветеноста на Франција за проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан, што е голема важност за европските перспективи за земјите од регионот.

На средбата министерот ја потенцираше круцијалната улога на Министерството за правда во спроведувањето на реформите од поглавјето 23 во пристапните преговори со Европската Унија, укажувајќи дека неопходно е спроведувањето на демократските принципи и владеењето на правото на реформскиот пат и дека судските реформи од една страна мора да обезбедат независност и непристрасност на судството, но од друга страна и негова одговорност.

Тема на разговор беа и приоритетите на Министерството за правда во следниот период со фокус на законодавната агенда и новите законски решенија на кои се работи во моментот.