Усвоени законските измени за минимална плата
Законското решение доби поддршка од 90 пратеници и од власта и опозицијата.

Мартовската плата, за над 80 илјади работници ќе биде 18 илјади денари. Законското решение доби поддршка од 90 пратеници и од власта и опозицијата. Пратениците од владејачкото мнозинство велат дека ова влада во континуитет ја зголемува минималната плата со што значително се подобрува животниот стандард на работниците со најниски приходи.
За опозициската ВМРО-ДПМНЕ не е спорно дека треба да се зголеми минималната плата, но и натаму ќе инсистираат со колективните договори на ниво на стопанските гранки и за јавниот сектор да се усогласат во согласност со растот на минималецот скалесто и другите плати. Сметаат дека со оглед на инфлацијата и на растот на цените на енергијата и прехранбените производи треба да се зголемат и пензиите.
Зголемувањето на минималната плата ќе биде помогнато од страна на државата, која од Буџетот ќе одвои 16 милиони евра за покривање на разликата во придонесите. Законското решение доаѓа откако на 7 февруари по неколкудневни преговори беше постигнат договор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата во рамки на Економско-социјалниот совет.
Со измените се менува и методологијата за годишното усогласување на минималната плата, односно 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од трошоците за живот, а висината на минималната плата не смее да биде пониска од 57 проценти од просечната нето-плата.
Игор Панов
