Еколошката свест расте, инспектори има сѐ помалку
Бројот на претставки до Државниот инспекторат за животна средина покажува дека граѓанската еколошка свест расте, но инспектори има сѐ помалку. За шест месеци, изречени казни од околу 400 илјади евра. Во извештај за сработеното во последната половина година, директорот нагласи дека итно им е потребен нов кадар, оти за некоја година водите во државата ќе нема кој да ги контролира откако актуелните двајца инспектори ќе заминат во пензија...

380 илјади евра од казни се иницирани во последните шест месеци од Државниот инспекторат за животна средина. Дел од нив се завршени пред комисија за спогодување и во наредните три месеци, во државниот буџет треба да се слеат 73 илјади евра од правни и физички лица.
Државните инспектори планирале 859 инспекциски надзори, за половина година реализирале 1.171, со што го надминале бројот и утврдиле 233 неправилности.
Главна болка на инспекторатот останува кадарот. Особено алармантна е состојбата во водостопанската инспекција во која сите двајца инспектори се пред пензија, а постапката за обука на нов инспектор трае една година. Обемот на работа е зголемен, вели Стојковски, а ние луѓе немаме, така што повеќе од 100 мали хидроцентрали ќе нема кој да ги контролира, а тука е и прогласувањето на Попова Шапка за Национален парк и Осогово за заштитено подрачје. За природа има само еден инспектор во поодминати години.
Во следниот период ќе се бара од Министерството за финансии да се вработат минимум уште тројца инспектори. Велес од март 2020 година е без никаков инспектор, ниту општински ниту државен. Со новото вработување доби еден државен инспектор. Нов државен инспектор доби и Куманово.
Катерина Топалова
