Русија ја нападна Украина, прогласена воена состојба
Русија ја нападна Украина. Украина тврди дека се врши целосна инвазија врз земјата и прогласи воена состојба. Москва соопшти дека мета е воената инфраструктура. Западот со жестоки критики кон Русија...
Почна рускиот напад врз Украина. Медиумите јавуваат дека се слушаат експлозии во повеќе градови во земјата, а руски воени единици и оклопни тенкови се забележани во Украина. Се огласија сирените за опасност. Нападот почна пред четири часот по полноќ, откако рускиот претседател Путин во телевизиско обраќање соопшти дека наредил специјална воена операција за демилитаризирација на Украина. Тој предупреди дека каков било обид од други држави за мешање ќе води кон невидени последици.
„Натамошното проширување на НАТО и почетокот на милитаризацијата на Украина е неприфатливо за нас. Не се работи само за НАТО, тоа е само алатка на надворешната политика на САД. Проблемот е што на нашите околни територии се создава непријателска антируска тензија на нашите историски територии. Целосно е контролиран однадвор, силно добива воени сили на НАТО и се пумпа со најмодерното оружје. За САД и нивните сојузници тоа е таканаречена политика на задржување на Русија. За нашата земја тоа е прашање на живот и смрт, прашањето за нашата историска иднина како народ. Ова е реална закана не само за нашите интереси, туку и за постоењето на нашата држава, нејзиниот суверенитет. Ова е црвената линија за која многупати зборувавме“, изјави рускиот претседател Владимир Путин.
Во Украина е прогласена воена состојба. Украинскиот претседател Зеленски рече дека врз неговата земја се врши целосна инвазија. Тој ги повика украинските граѓани да останат во своите домови.
„Имав телефонски разговор со претседателот на Руската Федерација. Резултатот беше тишина. Иако е Донбас местото каде што треба да има тишина. Овој чекор може да биде почеток на голема војна на европскиот континент. Тие велат дека овој пламен ќе го ослободи народот на Украина, но украинскиот народ е слободен. Владата на Украина сака мир. Прави сѐ што може. Ние не сме сами. Тоа е вистина, многу земји ја поддржуваат Украина. Бидејќи ова не е за мир по секоја цена. Се работи за мир, принципи, правда, меѓународно право, право да ја одредиш сопствената иднина“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Луѓето го напуштаат Киев. Илјадници граѓани се забележани во метро станиците. Колони возила го напуштаат Киев.
„Руската Федерација почна војна во Украина. Одиме во метрото бидејќи е под земја за да си го спасиме животот“, вели жителка на Киев.
Украинските служби објавија и повеќе слики од експлозиите, како и снимки од граничниот премин Сенкивка помеѓу Украина и Белорусија на кои се гледа како голем број руски тенкови влегуваат во Украина.
Мирните украински градови се нападнати. Ова е агресивна војна. Украина ќе се брани и ќе победи. Светот може и мора да го запре Путин- објави украинскиот министер за надворешни работи Кулеба.
Марина Ристова
