Пендаровски со осуда за воените дејствија, закажа седница на Советот за безбедност
Како НАТО членка, вели Пендаровски, се приклучуваме кон повикот на Алијансата насочен кон Русија за прекин на воените дејствија на територијата на Украина...

Претседателот на државата Стево Пендаровски ја осуди руската агресија врз Украина.
„Изразувам силна осуда за воените дејствија кои Русија ги презема над Украина, што неизбежно ќе водат кон ненадоместлива загуба на човечки животи и материјална штета. Инвазијата на Украина од страна на Русија е напад на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, сериозна повреда на основните принципи на меѓународното право, удар врз демократскиот поредок и закана за стабилноста на Европа“, вели претседателот Пендаровски.
Како НАТО членка, вели Пендаровски, се приклучуваме кон повикот на Алијансата насочен кон Русија за прекин на воените дејствија на територијата на Украина. Во име на граѓаните на земјава, изрази солидарност со украинскиот народ во овие тешки времиња.
Пендаровски за денеска свика седница на Советот за безбедност на која ќе се дискутира за ситуацијата во Украина. Седницата ќе се одржи во Кабинетот на претседателот со почеток во 14 часот.
