Кризата во Украина ќе влијае врз снабдувањето со енергенси, цената на берзите расте
Цената на природниот гас во Европа утрово скокна за 35%. Украина е втората голема транзитна рута за извоз на руски гас во Европа и засега руската државна компанија Гаспром не ја коментира новата состојба. Истовремено и цената на суровата нафта денеска скокна за 4% и надмина 100 долари за барел. Неминовно кризата во Украина ќе влијае врз македонската економија и снабдувањето со енергенси...

Рускиот напад врз Украина предизвикува сериозни последици на берзите што тргуваат со енергенси во светот. Цената на природниот гас во Европа утрово скокна за 35% и достигна цена од 1.414 долари за 1.000 нормални кубни метри, покажуваат податоците на Лондонската берза.
Истовремено агенциите јавуваат дека протокот на природен гас преку гасоводот Јамал- Европа, кон Полска денеска е преполовен. Засега не се знае причината за намалувањето на испораката на гас и дали тоа е поврзано со развојот на состојбата во Украина, каде што Русија , како то соопшти официјална Москва, започна специјална воена операција.
Украина е втората голема транзитна рута за извоз на руски гас во Европа и засега руската државна компанија Гаспром не ја коментира новата состојба.
Од друга страна пополнетоста на складовите со гас во Австрија е на минималните 17% до 18% од капацитетот, што е најмалку во ЕУ, но засега експертите не стравуваат од затворање на руските славини поради украинската криза и санкциите против Русија. Австрија ги има најголемите подземни складови за природен гас со капацитет од дури 95,5 тераватчасови. Анализите покажуваат дека пополнетоста на складовите со гас во ЕУ е околу 30%.
Истовремено и цената на суровата нафта денеска скокна за 4% и надмина 100 долари за барел. Европскиот брент се продава за 101,93 долари , додека американската сурова нафта се тргува за 96,46 долари.
„Зголемувањето на цената на нафтата неизбежно ќе доведе до зголемување на цените на горивата на големо, што пак уште повеќе ќе ги зголеми рекордните цени на пумпите. Ако цената на нафтата продолжи да расте до 110 долари за барел постои многу реална опасност просечната цена на бензинот да достигне 1,55 фунти за литар во Британија“, изјави Двтон Сајмон Вилијамс –портпарол на РАЦ.
Неминовно кризата во Украина ќе влијае врз македонската економија и снабдувањето со енергенси. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски смета дека е неизбежно прелевањето на влијанието од светските берзи и новата цена на гасот ќе се одрази на новите месечни договори што ќе ги склучуваат трговците со гас.
Лани пред кризата природниот гас се продаваше за 300 долари за 1.000 нормални кубни метри, за потоа да достигне рекордни 1.800 долари, но сепак цените последниве месеци се движеа околу 800 до 900 долари.
Берзите се покажаа како мошне чувствителни на секоја геостратешка промена, вели Бислимоски и затоа деновиве и расте цената на нафтата што ќе се одрази и на крајната цена на енергенсите за потрошувачите.
Свето Николовски
